Затоа ќе се обединуваат Белгија и Холандија: Новата лига ќе донесе огромни приходи од ТВ-права!

Фудбалското обединување на Белгија и Холандија во заедничка БеНе-лига ќе им донесе на најдобрите клубови од двете земји кои ќеучествуваат во истата за трипати поголеми приходи од ТВ-правата, зашто пресметките на познати консултантски куќи како Делоит пресметале дека до 400 милиони евра ќе поделат 18-те клуба во новото натпреварување.

Новата лига според последните информации е во напредна фаза за организирање, а федерациите на двете земји ги договараат сите технички детали, па наскоро се очекува да има официјалната презентација на севкупниот проект и потоа ќе се чека само на „зелено светло“ од ФИФА и УЕФА, но последните најави на првиот човек на светската организација Џани Инфантино дека „регионализацијата треба да се дозволи во интерес на зголемување на квалитетот“ е најава дека во брзо време ваквите проекти ќе бидат одобрени од главните фудбалски организации.

Двете фудбалски лиги во Белгија (Јуплер-лига) и во Холандија (Ередивизе) во моментов заработуваат од ТВ-права по 80 милиони евра, па јасно е зошто регионализацијата на двете земји им е неопходна, со што клубовите би добиле поголема финансиска моќ, а со тоа би го намалиле јазот во однос на петте најсилни лиги, но и фудбалски би биле поконкурентни сооглед дека ќе имаат повеќе дербија во сезоната.

Во Ајндховен на последниот состанок околу формирањето на Лигата учествувале белгиските Андерлехт, Бриж, Генк, Гент и Стандард Лиеж, како и холандските Ајакс, Феенорд, ПСВ, Утрехт и Витесе.

„Ни треба модернизација, а за да го намалиме јазот, оваа лига е неопходна. Зборуваме за пазар од 28 милиони луѓе“, вели првиот човек на Бриж, Берт Вархеге.

Десет клуба од Холандија и осум од Белгија треба да играат во новата лига во која ќе има и испаѓање и промоција.