„За две-три години од Миовски ќе направиме играч што ќе ни донесе добри пари“

Шкотскиот великан Абердин, трет најголем клуб после глазговските Ренџерс и Селтик за 624.000 евра го купи македонскиот репрезентативец Бојан Миовски од МТК Будимпешта и очекува во иднина, 23-годишниот напаѓач да им ја наполни касата.

Миовски после две години во Унгарија, откако МТК го зема од тетовска Ренова направи чекор понапред во кариерата, особено откако во октомври лани дебитираше за А-репрезентацијата, а пред 12 дена ги даде првите два гола за македонската селекција во победата со Гибралтар. Тој потпиша четиригодишен договор, а менаџерот на Абердин, Џим Гудвин очекува за две години да го направи исклучително вреден фудбалер кој на трансфер-пазарот ќе им донесе милионска заработка.

„Бојан како профил на фудбалер ги има сите предиспозиции и е таков играч каков што од февруари барав од раководството да биде донесен, кога седнав на клупата. Тој е многу мобилен фудбалер, атлетски добар, знае да смени темпо и што е најважно е напаѓач кој има чувство, има чувство да биде на вистинското место. И сега ќе наполни 23 години, така што има огромен простор за развој, доаѓајќи сега очекувам да биде одличен во шкотското првенство, а штом ќе почнеме да работиме со него јас силно верувам дека можеме да го направиме уште подобар и за две-три години ќе имаме играч кој од продажба ќе ни донесе пари. Самиот факт дека толку млад е веќе македонски репрезентативец, со селекција која за малку ќе играше на Светско првенство, мислам дека добивме извонредно засилување“, вели Гудвин.

Македонскиот репрезентативец набрзо ќе му се приклучи на Абердин штом биде завршена процедурата со визата и ќе биде официјално промовиран во поранешниот шкотски првак, кој има и европски пехари од КПК и Суперкупот во 1983 година, во златниот период кога легендарниот сер Алекс Фергусон ги предводеше од 1978 до 1986 година.

„Мислам дека нема да има проблем со притисокот, тоа момче има извонреден карактер, голема самодоверба и не може да играте на високо ниво, ниту да сте репрезентативец, ако немате такви квалитети. Нема да има притисок врз него, да ќе очекуваме голови, ама најважно е клубот да му ја даде сета поддршка и амбициите да нѐ водат напред“, додава Гудвин.