Вака можеше и Рајо со Димитриевски: Голманот на Атлетик заменет за да ја освои наградата
Иако немаше повреда или казна, шпанскиот репрезентативен чувар на мрежата беше заменет во 61. минута од мечот, при водство на неговиот тим со 1-0. Причината поради која го напушти теренот беше да му се брои натпревар без примен гол, статистичка категорија во која тој во моментов е во водство е во Ла Лига со 17 меча и поради што многу веројатно ќе биде прогласен за голман на сезоната во шпанското првенство, а ќе го добие и признанието „Замора“ за најмалку примени голови во сезоната. По неговото излегување, Селта направи пресврт, но головите одат на контото на замената Агиресабалага.
„Би направил се да им помогнам на моите фудбалери да ги остварат своите цели“, призна Валверде по натпреварот дека со намера го повлекол од игра првиот голман.
Ваква тактика можеше синоќа да примени и тренерот на Рајо Ваљекано во случајот со Столе Димитриевски. Мадридскиот тим победи со 2-1 против Гранада, но до 89. минута беше 2-0 и ако тогаш излезеше македонскиот репрезентативец, исто така ќе му се броеше натпревар без примен гол.
Во таков случај, Димитриевски ќе имаше 14 меча со „чиста мрежа“ и ќе избиеше на делба на второто место во Ла Лига со Алекс Ремисо од Сосиедад, а ќе ги поминеше Марк Андре Тер Штеген од Барселона и Гјорги Мамардашвили од Валенсија.