Удинезе го понудил Несторовски на италијански второлигаш во замена за друг офанзивец?!

Италијанскиот калчолигаш Удинезе го понудил македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, кој сезонава добива премалку шанса и има дадено еден гол во Калчото, во размена за напаѓач на второлигашот Порденоне, Давиде Диав, објави најугледниот спортски весник на Апенините, „Газета дело Спорт“.

Порденоне моментно е осмопласиран во Серија Б со 28 бода, шест зад засега второпласираната Салернитана која го држи местото кое носи директно во Серија А,а Диав, роден 1992 година го свртел вниманието со своите 11 гола на 18 меча, иако станува збор за фудбалер за врска, а не за централен напаѓач и Удинезе сака да го грабне по секоја цена.

Диав моментно е најдобар стрелец во второлигашкото друштво, а поради неизвесноста дали Родриго де Пол, првата ѕвезда на црно-белите ќе остане во клубот, црномурестиот играч на Порденоне сега е приоритет за ангажман. И поради тоа Удинезе го понудил Несторовски, кој не е во прв план кај тренерот Готи како дел од размената со Порденоне.

Ова не е првпат Несторовски да се поврзува со заминување од Удине, но засега многуте најави се покажаа само како медиумски шпекулации, иако откако дојде во овој клуб после банкротот на Палермо, не добива преголема шанса на мечевите во Калчото во изминативе две сезони.