Трансферот на Елмас во Наполи не е само македонски рекорд, туку и клупски рекорд на Фенербахче!

Трансферот на македонскиот бисер Елиф Елмас во Наполи е пред реализација, како што најавуваат италијанските и турските медиуми, па само се чека официјализација на наводно веќе договорениот трансфер според кој истанбулскиот великан ќе заработи 18 милиони евра.

Последните информации од Апенините најавија дека Наполи и Фенербахче се договориле за трансфер од 18 милиони евра, Елмас ќе добие 1,5 милиони евра годишно и ќе потпише петгодишен договор, а сѐ чека само да се заврши формално трансферот на Марко Рог од Неапол во Ајнтрахт Франкфурт, па да се официјализира доаѓањето на Елмас.

И оваа сума од 18 милиони евра е нов македонски рекорд, па Елмас ќе стане најскапиот македонски играч во историјата. Но, ќе биде и најскапиот продаден фудбалер во клупската историја на Фенербахче. Турски медиуми најавија дека реализацијата на овој трансфер ќе го надмине досегашниот рекорд на Сенегалецот Муса Со во 2012 година, кој во Ал Ахли бил продаден за 16 милиони евра. Зад Со се трансферот на Елвир Болиќ за 15,6 милиони, тој на Симон Кјаер за 12,5 милиони и Џеј Џеј Окоча за 12,4 милиони.

Елмас во Фенербахче дојде од скопски Работнички за 180.000 евра, па сега Фенербахче ептен добро ќе се офајди за две години откако го донесе суперталентот од Македонија.