Така се освојуваат титули: Арсенал со гол во 97. минута до победа во Лутон (ВИДЕО)

Екипата на Арсенал ја оствари четвртата победа во низа откако вечерва по голема драма го совлада Лутон како гостин со 4-3.

Тоа е прв триумф на „топчиите“ против овој ривал на неговиот терен по пауза од 40 години, а до него дојде со гол во седмата минута од судиското продолжение во второто полувреме. Херој на Арсенал беше Деклан Рајс кој со висок скок го дочека глава центаршутот од Одегард и го совлада домашниот голман.

Претходно, Арсенал два пати водеше, со головите на Мартинели и Габриел Жезус, Лутон израмни преку Ошо и Адебајо, а Баркли во 57. минута првпат го донесе домашниот тим во водство, со 3-2. Хаверц израмни, а кога сите очекуваа двете екипи да освојат по еден бод, Рајс се погрижи за победа на лондонскиот тим. Со тоа го спаси и голманот Раја кој доби шанса на овој меч, но немаше своја вечер и беше директен виновник за два гола на противникот.

Ова е четврти триумф на Арсенал со гол во последните моменти од своите натпревари оваа сезона. Против Јунајтед погоди во 96. и 101. минута, против Сити во 86., а против Брентфорд во 89. минута. Дури и против Челси освои бод по негатива од 0-2 и со гол за израмнување во 84. минута.