Станковиќ очајно бара напаѓач, Македонецот прва желба – Сампдорија го сака Несторовски

Поранешниот италијански првак Сампдорија, која е заглавена на претпоследното место на табелата во италијанската Серија А, очајно бара напаѓач и прв на листата на желби на српската ѕвезда на клупата Дејан Станковиќ е македонскиот репрезентативец Илија Несторовски.

Италијански „Скај Спорт“ ја објави информацијата дека Сампдорија загризала за Несторовски, кој има премала минутажа во Удинезе и тоа експресно откако вчера беше објавено дека Реџина предводена од „Пипо“ Инѕаги, Модена и Венеција, три члена на Серија Б, го посакуваат екс-фудбалерот на Палермо во своите редови.

Сампдорија синоќа веќе го исконтактирала Удинезе за опцијата да го земат Несторовски, кој е четврти напаѓач во хиерархијата на клубот, а има уште шест месеци од актуелниот договор. Покрај него, Станковиќ притиска да го земе и австрискиот репрезентативец Александар Драговиќ, стоперот на Црвена Звезда како засилување во продолжение на сезоната.

Ако Несторовски дојде во Сампдорија ќе биде втор македонски фудбалер кој играл на „Луиџи Ферарис – Мараси“, откако шест години во градскиот ривал Џенова мина Горан Пандев, пред да ја заврши кариерата летоска после шест месеци во Парма.

До крајот на зимскиот преоден рок остануваат уште осум дена.