Солзите на Модриќ по мечот со Сити: Ова не смееше да биде крај

Од доаѓањето на Лука Модриќ во 2012 година, Реал Мадрид речиси редовно е во завршницата од Лигата на шампионите и така ќе биде и оваа сезона кога шпанскиот гигант е фаворит во однос на Баерн, ПСЖ и Борусија Дортмунд.

Хрватскиот ас пред два дена можеше да биде трагичар на мечот со Манчестер Сити бидејќи прв промаши во пенал-серијата, но потоа Лунин ги одбрани ударите на Бернардо Силва и Ковачиќ и го однесе Реал во полуфиналето. И покрај триумфот, Модриќ бил исклучително емотивен по натпреварот, дури капнале и солзи.

„Не знам што ќе се случи, но ова не смееше да биде крајот', им зборувал тој на членовите на раководството на клубот.

Со безмалку 39 години, јасно е дека Модриќ е на залезот на кариерата и ова веројатно е негова последна сезона во дресот на Реал. За него би било прекрасно кога би ја крунисал со шеста титула во Лигата на шампионите со што би станал најтрофеен во историјата, заедно со Дани Карвахал. По пет до моментов имаат уште Карим Бензема и Кристијано Роналдо, но тие повеќе не играат во Европа и не можат да го загрозат.