Што значи Роналдо за Јувентус: Преку ноќ „старата дама“ доби нови милион навивачи

Италијанскиот великан Јувентус предизвика земјотрес на фудбалскиот пазар откако вчера за 105 милиони евра го купи најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо, како една од клучните алки која на „старата дама“ треба да и ја донесе европската слава и „големите уши“ во витрините во следните сезони.

Роналдо дојде во Јувентус и ќе игра четири години, а сега допрва се очекува финансискиот бенефит на италијанскиот великан од ангажманот на Португалецот. Берзата и акциите на Јувентус неверојатно скокнаа, дресовите наскоро ќе почнат да се продаваат како алва, ама очигледно е дека Роналдо допрва ќе ја зголеми и навивачката база на Јувентус.

Само за една ноќ, Инстаграм профилот на Јувентус добил нови 1,1 милион следбеници, а со „брзина на светлината“ се зголемуваат и фан-страните на италијанскиот великан и на Твитер и на Фејсбук. А, дорпва се очекува Роналдо на својот фан-пејџ да го изрекламира новиот клуб, а тој има 134 милиони следбеници.

Инаку, фотографијата со која Роналдо беше претставен од Јувентус добра преку 2,7 милиони лајкови, што е рекорд во историјата на италијанскиот великан.