Роналдо за три минути го сруши Лацио и собори уште два рекорда (ВИДЕО)

Екипата на Јувентус за само три минути во второто полувреме успеа да го совлада Лацио во рамки на 34. коло во Серија А.

Во 51. и 54. минута „Старата дама“ го реши прашањето на победникот на овој дуел благодарејќи на двата погодока на Кристијано Роналдо (првиот од пенал), а до крајот Лацио успеа само да намали на 2-1, со голот на Чиро Имобиле во 83. минута.

Инаку, Португалецот стана првиот фудбалер во историјата што стигнал до 50 погодоци во трите најсилни европски лиги, Премиер лига, Примера и Серија А.

Воедно, Роналдо е фудбалерот што убедливо најбрзо стигнал до бројот од 50 погодоци во најдобрата италијанска лига. За овој јубилеј му беше доволна само 61 средба, шест помалку од досегашниот рекордер Андриј Шевченко, а девет помалку од Бразилецот Роналдо.

Со овој триумф, Јувентус е на чекор до одбрана на титулата и моментно има 80 бода, осум повеќе од второпласираниот Интер, кој ова коло киксна на гости кај Рома.