Роналдо: Бев нервозен, ама знаев дека прашање на време е кога ќе ми тргне!

Најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо денеска конечно ги даде своите први два гола во италијанската Серија А и беше клучен за новата четврта победа на Јувентус во пресметката со Сасуоло (2-1), по што „старата дама“ со максимален ефект од 12 бода е лидер во Калчото.

Роналдо погоди двапати за 15 минути, прво во 50-та, а потоа во 65-та минута, голови со кој го обезбеди триумфот и по мечот призна дека бил малку нервозен пред мечот, затоа што по првите три дуели во сезоната ниту еднаш не постигнал гол од доаѓањето за 117 милиони евра вредниот трансфер од Реал Мадрид.

„Среќен сум за победата и за головите. Навистина сакав да ги дадам првите голови сезонава и поради тоа малку бев нервозен. Не успеав да дадам гол на првите три меча, но добро работев и знаев дека само прашање на време е кога ќе ми тргне. Добро се прилагодив на италијанскиот фудбал. Кога дојдов од Реал Мадрид очекувањата од мене беа големи и јас мислам дека ќе ги оправдам“, вели Роналдо.

Јувентус веќе за три дена ќе ја започне новата авантура во Лигата на шампионите, а по две финалиња во последните четири години, ангажмнот на Роналдо е за да се направи последниот исчекор кон освојувањето на европската круна, која во Торино ја чекаат од 1996 година.

„Лига на шампиони е моето најдраго натпреварување. Имаме тешка група, но мора да се сконцентрираме само на себе. Ако бидеме вистински, нема да имаме проблем(и)“, додава Роналдо.