Рома чека: На Игуаин не му се оди од Јувентус, ама ќе мора

Аргентинскиот напаѓач Гонзало Игуаин нема иднина во Јувентус, иако тој не сака да си замине од „старата дама“, но ќе биде приморан на такво нешто, најави италијанска „Газета дело Спорт“.

Игуаин беше најскапото засилување во историјата на Серија А, откако дојде во Торино од Наполи, но рекордот му го урна Кристијано Роналдо, неговиот бивш соиграч од Реал Мадрид, а практично и го „избрка“ од тимот. Во минатата сезона, Игуаин почна со заем во Милан, а по есенскиот дел се пресели во Челси, но и таму не покажа многу, па „сините“ не сакаа да го откупат.

И за оваа сезона исто така Игуаин е прекуброен. Маурицио Сари не смета на него, а Рома чека разврска за да го купи. Во Рим уште од минатата недела почнаа да се продаваат дресови со бројот девет и името на Игуаин. Проблем е што за да го донесат Аргентинецот, римјаните прво ќе мора да до продадат Един Џеко. Босанецот е желба на Интер, но „нераѕурите“ сакаат да го донесат за помалку пари. Рома бара 20 милиони евра, а миланскиот гигант нуди само 12. Последните информации се дека Интер ќе ја зголеми понудата на 15 милиони евра, а со бонуси да се стигне до бројката од 20 милиони и така Џеко да оди на „Џузепе Меаца“, а вратата на „Олимпико“ да се отвори за Игуаин.

Аргентинецот нема желба да игра во Рома, арно ама ќе мора, зашто во Јувентус нема да има ни минута.