Рој Кин: Јунајтед со Роналдо може да освои само ФА-Куп или Лига-куп!
Враќањето на Роналдо на „Олд Трафорд“ после 12 години ги збесна од радост навивачите на Јунајтед, кој со ангажманот и на Рафаел Варан во дефанзивата и на Џејдон Санчо во нападот, сега го живеат сонот дека шампионската круна ќе се врати во нивните витрини.
„Враќањето на Роналдо е многу голема вест како за навивачите, така и за Јунајтед, ама пред сѐ и за Премиерлигата. Јас не се сомневам дека Кристијано сѐ уште е врвен фудбалер, тој е паметен човек, доаѓа во Јунајтед за да освојува трофеи, но не мислам дека со неговото доаѓање ќе дојдат и големите пехари. Јунајтед сѐ уште има проблеми со средниот ред, без разлика дали е Роналдо во тимот или не е, така да пореално е дека може да освојат ФА-Куп или Лига-куп“, вели Кин.
Според Ирецот, враќањето на Роналдо ќе донесе победнички менталитет, но екипата сѐ уште не е подготвена за највисоки дострели.
„Јасно им е на сите дека Роналдо ќе сака да освои сѐ, дека ќе ги турка соиграчите, дека е победник, дека ќе го смени менталитетот, дека ќе донесе победнички менталитет во соблекувалната. Има многу плусови од неговото доаѓање, дека Јунајтед ќе биде подобар, ама големата слика е дека сѐ уште Јунајтед не е подготвен за да ја освои прво премиерлигашката титула. Дури и не мислам дека ќе ја намали разликата во однос на главните конкуренти“, додаде Кин.
Дури и неговиот екс-соиграч Гери Невил, исто така легенда на Јунајтед, објави дека Манчестер јунајтед со Роналдо не е прв фаворит за титула, а и не верува дека ќе ја освои во мај догодина.
„Доаѓањето на Кристијано го носи тимот поблизу до титула, ама не мислам дека овој тим може да ја освои титулата. Сепак неговото доаѓање носи поголема возбуда дека може да се биде конкурентен за титулата во однос на очекувањата од пред пет-шест дена“, рече Невил.