Реал Мадрид со апел: Без славење низ улиците ако станеме шампиони

Реал Мадрид е многу близу до освојување на шампионската титула во Ла Лига, бидејќи на две кола до крајот има четири бодови повеќе од ривалот Барселона.

Во четврток „кралевите“ го пречекуваат Вилјареал во претпоследното коло и доколку слават победа тогаш сигурно ќе го освојат пехарот. Поради ова клубот денеска објави официјално соопштение со кое побара од своите навивачи да не ја слават титулата низ улиците на Мадрид, а особено не на плоштадот Сибелес, каде традиционално се прославуваат титулите.

Јавното здравје треба да биде приоритет за сите, па од Реал не сакаат низ Мадрид да се случат истите сцени како во Ливерпул. Од клубот бараат навивачите да се воздржат од славење за да не се случи ново ширење на коронавирусот.

Шпанија беше една од најпогодените земји во светот од опасниот вирус со голем број заразени и многу жртви. Останува да видиме дали навивачите ќе го послушаат апелот од клубот, ако во четврток Реал го совлада Вилјареал.