Реал Мадрид има листа за нов тренер: Две големи имиња и една клупска легенда

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез нема да има уште многу трпение со тренерот Зинедин Зидан. Доколку Французинот наскоро не ги поправи резултатите на тимот, ќе добие отказ. 

Шпанските медиуми веќе на големо шпекулираат со имињата на потенцијалниот нов тренер на „кралевите“. „Марка“ издвојува тројца тренери кои имаат најмногу шанси да седнат на клупата на „Сантијаго Бернабеу“ доколку Зидан биде отпуштен.

Најголем фаворит е Жозе Мурињо. Поранешниот тренер на Реал Мадрид и самиот призна дека најдобрите моменти во кариерата ги минал во Мадрид, а воедно е и омилен тренер на Флорентино Перез. Мурињо моментално е без ангажман откако лани во декември заработи отказ од Манчестер јунајтед.

Втор фаворит е Масимилијано Алегри. Италијанецот по пет трофејни години во Јувентус, реши да си замине од клупата на крајот од минатата сезона. Алегри еднаш беше цел на Реал Мадрид по заминувањето на Зидан во 2018 година, но тогаш тој реши да остане во Торино. Сега кога е слободен агент, би можел да се нафати доколку на негова адреса стигне понуда.

Последната опција може да биде Раул Гонзалес Бланко. Легендарната „седумка“ на клубот, по неколку години пауза се врати во Реал и почна да работи со Кастилја, односно вториот тим. Реал Мадрид имаше среќа со Зидан кога го прекомандуваше од вториот тим во првиот, па Перез се надева дека и Раул ќе има слично влијание на играчите. 

Останува да видиме дали ќе има нова промена на клупата на Реал Мадрид и дали Зидан ќе успее да ја подобри формата.