Премиерлигашите може да играат пријателски средби, ама без - судии!

Премиерлигата денеска даде „зелено светло“ клубовите да почнат со одигрување на пријателски натпревари, но истите мора да се одржат под строги правила.

Англиското фудбалско првенство треба да го има својот официјален рестарт на сезоната на 17 јуни, па како последен чекор во подготовките, клубовите можат да играат пријателски натпревари против други тимови.

Натпреварите можат да се играат или на стадион или во тренинг-центар, но Премиерлигата инсистира да бидат задржани сите мерки на претпазливост.

На клубовите им е забрането да патуваат повеќе од 90 минути за натпреварот, а сите фудбалери мораат посебно да пристигнат на местото на одигрување со своите автомобили и облечени во полна фудбалска опрема.

Нема да бидат дозволени судии на пријателските натпревари, па правдата ќе ја дели некој од тренерите. Сите фудбалери што ќе учествуваат на натпреварот мораат да имаат негативен тест на Ковид-19.