Приказна на летото: Пред три години беше пекар, а сега ќе игра во - Премиер лигата!

Вулверхемптон соопшти дека го ангажира Матеус Нуњез од Спортинг Лисабон за 45 милиони евра и тоа е нивни рекорд за трансфер, а 23-годишниот фудбалер потпиша договор до 2027 година со премиерлигашот.

Нуњез растеше во фавелите на Рио де Жанеиро, а негов идол му бил Роналдињо, но патот до успехот воопшто не му бил лесен затоа што пред три години работеше во пекара за да го прехрани семејството, а сега ќе игра во Премиерлигата.

„Немавме што да јадеме, а мајка ми секогаш работеше. Таа е воин кој ми помогна да се вљубам во фудбалот. Мајка ми сè уште не знае како не станав крадец или дилер, туку се решив за спорт“, вели Нуњез.

Талентираниот фудбалер открива дека морал да работи за да му помогне на семејството да преживее.

„Морав да работам во пекара пет-шест месеци. Доаѓав наутро зашто тренинзите и натпреварите ми беа попладне, а морав секој ден да стојам на нозе по неколку часа, по што следеше дополнителен тренинг. Не беше лесно, но не се откажав“, открива новото засилување на Вулверхемптон.