Потег за аплаузи на Ајнтрахт: Нема ви-фи на стадион, тој е за навивачи, а не за - позери!

Од поодамна во навивачкиот свет има една парола која ја употребуваат буквално сите ултраси и вистински навивачи - „против модерен фудбал“. И на таа акција германскиот бундеслигаш Ајнтрахт Франкфурт мангупски им се прифружи.

Ајнтрахт е еден од клубовите во Германија која има најверна публика, која живее со клубот, која прави неверојатна атмосфера на трибините. Сега во Франкфурт се решија до крај да победат во војната со „модерниот фудбал“, па најавија дека на стадионот ќе ги изгаснат сите ви-фи мрежи.

Причина?

Стадионот е за навивачи, а не за позери. Клубот сака поддршка 90 минути, а не луѓе што ќе се сликаат и снимаат за време на мечевите и сето тоа ќе го споделуваат на социјалните мрежи.

„Сакаме сè што се случува на фудбалскиот терен да биде во прв план и затоа потенцијалите на дигитализацијата нема постојано да ги користиме. Ние се решаваме за тоа што од наша перспектива има смисла, а тоа е фудбал и поддршка за нашиот клуб“, велат од Ајнтрахт.