Поранешниот клуб на Митко Стојковски пред враќање во Ла Лига, првпат по 24 години

Екипата на Овиедо обезбеди пласман во финалето од плејофот во Втората шпанска лига откако со вкупни 3-2 беше подобра од Алмерија.

Вториот меч се одигра синоќа и заврши 1-1, па Овиедо за пласман во Ла Лига ќе се бори со подобриот од двомечот меѓу Мирандес и Сантандер. Екипата од Астурија не играла во шпанската елита од 2001 година, а на македонската фудбалска јавност ѝ е позната по тоа што поранешниот репрезентативец Митко Стојковски таму помина две сезони од кариерата, од 1995 до 1997 година. Во овие 24 години Овиедо стигна до дното и назад, поради финансиски проблеми испадна во четвртата шпанска лига, беше на работ на егзистенција, но успеа да воскресне и сезонава се бори за место меѓу најдобрите.

Сега прва ѕвезда е ветеранот и легенда на шпанскиот фудбал Санти Касорла кој пред две години се врати во матичниот клуб за да го однесе во Ла Лига. Има 40 години, но се уште игра на врвно ниво и синоќа го постигна голот за 1-1, само три минути откако влезе во игра во второто полувреме.

Својот противник во финалето, Овиедо ќе го дознае вечерва кога се игра реваншот меѓу Мирандес и Сантандер, а поради тоа што го освои третото место во основниот дел, ќе биде домаќин на вториот меч.