Порака за Роналдо од Шпанија: Ако отиде во Италија не значи дека нема да те - уапсиме!

Најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо во понеделник и официјално ќе биде промовиран за нов член на италијански Јувентус, откако „старата дама“ пред четири дена објави дека Португалецот потпишал четиригодишен договор со торинскиот великан.

Роналдо замина во Јувентус од Реал Мадрид за трансфер вреден 105 милиони евра, а во последните неколку месеци преживеа пекол со судењето околу затајувањето данок во висина од 18,8 милиони евра, поради кои обвинителството на Пиринеите бараше осумгодишна затворска казна, за на кракј Роналдо да се договори да плати 25 милиони евра (сосе казни и камати) за да избегне одење зад решетки.

Но, откако Роналдо замина во Торино, шпанците не чекаа премногу за да му упатат последна опомена за да го подмири долгот, а тоа го стори министерот за финансии во Владата на Шпанија, Хосе Марија Молинедо, кој потенцирал дека Португалецот мора да ги плати парите или ќе биде издадена потерница за негово апсење.

„Тоа што Роналдо потпиша за Јувентус не ја менува ситуацијата околу данокот. Дури и во Италија може да се издаде налог за негово апсење и тој да биде уапсен. Неговите адвокати и понатаму се обидуваат да го одбранат пред шпанските судови. Ама, и Европскиот суд на правдата е вклучен во целиот случај“, објавил Милинедо.

Роналдо очигледно сè уште се обидува да ја докаже својата невиност, а уште на почетокот на аферата Португалецот посочуваше дека не се разбира во економија и дека тој не знае како да затаи данок.

Роналдо е последен во низата кои се соочија со обвиненија за затајување данок од шпанските даночни власти, а пред него таков проблем имаа и Лионел Меси, Чаби Алонсо, Лука Модриќ, Марсело...