„Пандев сака да остане во Парма и да ја врати во Серија А – тоа би било финале на кариерата!“

Доскорешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, рекордер по број на настапи (122) и голови (38) има желба да остане во Парма и да му помогне на некогашниот италијански гигант да се врати во Серија А, пред да ја заврши фудбалската кариера.

Пандев во Парма дојде зимоска, но не успеа многу да придонесе „млекарите“ да изборат барем бараж за пласман во Калчото, но имаше и проблеми со повредите, но веќе извесно е дека тој планира да игра уште една година и овојпат заедно со легендарниот Џиџи Буфон, кој исто така имаше подолг период на отсуство поради повреда, да го вратат некогашниот гигант од „Енио Тардини“ во италијанската елита,

Менаџерот на Пандев, Леонардо Корси за италијанските медиуми ја овјави желбата на Пандев, но дали ќе остане зависи од самиот клуб, нивните планови, а пред сѐ прво и од изборот на новиот тренер кој ќе го наследи досегашниот кормилар Џузепе Јакини.

„Сите знаете каков голем професионалец е Горан. Тој го остави семејството во Џенова, каде неговите деца одат во училиште, зашто интересот од клуб како Парма веднаш ја разгоре кај него желбата за нов предизвик во кој сакаше да учествува. Јас го гледам тука во Парма, мислам дека може да даде голем придонес со воите човечки, професионални и технички квалитети. И самиот сака да остане, мотивиран е, сака да продолжи со фудбалот. Негова желба е да ја врати Парма во Серија А и тоа за него би било големо финале на кариерата. Горан и Пандев заслужуваат да се вратат на најголемата сцена“, вели Корсти.

Менаџерот потенцира дека во моментов нема преговори со клубот, но наскоро очекува тоа да се случи.

„Во моментов Горан е на одмор, сѐ уште не сме разговарале за продолжување на соработката. Треба да седнеме на маса, да ги видиме интенциите на двете страни, но моментно никој од клубот не се јавил. Мислам дека прво треба да биде јасен проектот, да се избере тренер. А, и нема потреба за брзање, треба да се земат сите аспекти. Можеби веќе идната недела ќе има некаков развој“, додаде Корси.