Пандев немал сериозна повреда, ама се чекаат прегледите за точна дијагноза?

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев се повреди вчера на гостувањето во Болоња, откако по само 13 минути игра го напушти стадионот после еден удар во коленото, поради кој не можеше да ја продолжи играта.

И повредата на Пандев, на нешто повеќе од еден месец до историскиот меч со Косово ги уплаши сите во земјава дека можно е да биде подолг период во аут и со тоа да не може да игра на полуфиналниот бараж на 26 март во Скопје во битката за пласман на Евро 2020.

Како што објавија дел од италијанските медиуми, повредата на Пандев не е толку сериозна и страшна, зашто имал голема модрица на врвот на фибулата, што значело дека нема преголема загриженост за потежок степен на повреда. Сепак, денеска ќе се сочекаат лекарските прегледи и точната дијагноза за детално да се види за што станува збор.

Тренерот на Џенова, Давиде Никола истакна дека не сака да истрчува со разни тези за повредата на Пандев, па за денеска најави точна дијагноза.

„Не знам ништо, разговарав со докторот, но немаме ништо сигурно. Само може да претпоставуваме и ќе знаеме денеска за што станува збор. Во секој случај, Пандев има удар, но не знаеме дали и дисторзија. Ќе видиме“, вели Никола.