Палермо во Серија Ц, ама Несторовски и Трајковски во калчо елитата идната сезона?

Сицилијански Палермо го удри страше земјотрес откако поради административни и финансиски измами во време на контроверзниот претседател Маурицио Ѕампарини е исфрлен во Серија Ц, што значи вистински егзодус на фудбалските ѕвезди на тимот кој имаше амбиција да биде дел од калчолигашката елита.

Во Палермо играат двајца македонски репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски, кои веќе извесно е дека ќе си заминат ако се потврди одлуката по жалбата дека сицилијанскиот тим ќе мора да оди ранг подолу поради малверзации, за што најмалку се виновни фудбалерите.

И после шокантните вести кои го погодија островот во Италија, веќе се појавија и првите најави каде би можеле да продолжат македонските репрезентативци со својата кариера на Апенините. И двајцата според првите најави ќе играат во идната сезона во Серија А.

За Несторовски веќе две години постојано се шпекулира дека калчолигаши од вториот ешалон се заинтересирани, за летово во фокусот ќе бидат Сасуоло и Џенова, каде член е репрезентативниот капитен Горан Пандев. Хрватска „Слободна Далмација“ најавува дека сплитски Хајдук би требало да го искористи моментот за да го купи Несторовски и со него да ја нападне Лига Европа, но прилепчанецот многу повеќе сака да игра во калчо-елитата, ако пред се има можност за тоа.

За Трајковски, пак, уште сега се најавува дека многу веројатно може да замине во Лече, клубот кој викендов го обезбеди враќањето во Серија А.

Тоа што е јасно е дека двоецот ќе си замине како слободни играчи или со ептен минимална отштета, нешто што како проблематично се покажуваше изминатиов период за евентуалните трансфери, зашто управата (пред се Ѕампарини) бараа (пре)многу пари за да ги продадат. Несторовски во Палермо дојде за 500.000 евра од Интер Запрешиќ, а Трајковски за еден милион евра од белгиски Зулте Варегем.