Откриени детали: Мареска добил отказ поради - Манчестер сити!

Енцо Мареска денеска доби отказ на клупата на Челси од каде што заминува по само 18 месеци, а веднаш по објавата на „сините“ на Островот се пишува и за можната причина за неговиот отказ. 

Според информациите на реномираниот „Гардијан“, Челси го отпуштил Мареска и поради неговите разговори со луѓето од Манчестер сити.Неизвесноста околу иднината на Мареска го оптоваруваше Челси уште од минатиот месец, кога станаа очигледни тензиите во односите меѓу тренерот и клупската управа.

Сепак, на „Стемфорд Бриџ“ преовладува впечаток дека самиот Италијанец размислувал да се повлече и неговото заминување доаѓа во пресрет на неделното гостување на Челси токму кај Манчестер сити.

Ситуацијата дополнително се заостри откако Мареска даде мистериозни изјави за „најлошите 48 часа“ кои ги доживеал во клубот по победата над Евертон на 13 декември. Иако тогаш не откри детали, сега е јасно дека тој во два наврати кон крајот на октомври и повторно по мечот со Евертон им признал на своите претпоставени дека разговарал со лица поврзани со Манчестер сити.

Темата на разговорите била можноста Мареска да ја преземе тренерската позиција доколку Пеп Гвардиола замине на крајот од сезоната, имајќи предвид дека Италијанецот беше негов асистент во Манчестер сити во сезоната 2022/23.