Нови, фрапантни наоди: Ако Астори не бил сам во собата ќе се спасел?!

„Кориере дела сера“ утрово излезе со фрапантна верзија за тоа што му се случи на Давиде Астори, капитенот на Фиорентина кој ненадејно почина, преку ноќ, во март годинава.

Првите извештаи беа дека Астори починал мирно, во сон, од брадикардија, односно од пребавно чукање на срцето, иако причините за такво нешто беа нејасни.

Сега „Кориере дела сера“ извади извештај од обдукцијата кој покажува нешто сосема спротивно. Според него, забележано е забрзано чукање на срцето на Астори пред да почине или интензивен случај на тахикардија. Пулсот нагло се зголемил преку 100 и фудбалерот немал шанса.

Да биде уште потажно и потрагично, лекарите кои ја оценувале обдукцијата, заклучиле дека да не бил сам во собата, да имал цимер, тој ќе можел да сигнализира и, веројатно, Астори ќе се спасел.

Астори почина на 4 март, во хотелска соба во Удине, ноќта пред натпреварот Удинезе – Фиорентина. Соиграчите забележела дека го нема утрото, на заедничкиот појадок. Цел фудбалски свет се обви во тага, давајќи поддршка на неговата сопруга и двегодишна ќеркичка.