Нов Македонец во Џенова – Александар Трајковски доаѓа на „Мараси“?

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски можно е да се врати во Италија и да биде летно засилување на Џенова, клубот во кој настапува капитенот на националниот тим, Горан Пандев.

Локалниот весник од Џенова, „Секоло XIX“, најави дека Давиде Балардини и раководството на Џенова сериозно размислуваат да го купат Трајковски од Мајорка, а македонскиот офанзивец лесно ќе се прилагоди на калчолигашкиот фудбал зашто беше неколку години член на Палермо, а во тимот уште подобро ќе се прилагоди поради присуството и на Пандев.

Трансферот многу лесно може да се случи од причина што Мајорка нема да прави проблеми за него и дури во шпанскиот клуб веднаш би прифатиле раскин на договорот за да го ослободат буџетот за плата од околу 600.000 евра, колку што медиумите на Пиринеите објавија дека годишно заработува Трајковски.

Мајорка и зимоска, а и минатото лето се обидуваше да го продаде Трајковски, но немаше преголем интерес за македонскиот репрезентативец, најмногу и зашто има премала минутажа во клубот, каде дојде во летото 2019 година откако Палермо банкротираше и се пресели во четвртата италијанска лига.

Останува да се види дали Џенова навистина ќе го купи Трајковски, кој играше извонредно за Македонија на последните мундијалски мечеви, а даде и еден гол против Романија за израмнување во завршницата од 2-2, резултат кој во финишот не успеавме да го задржиме и несреќно и наивно загубивме на отворањето на новите квалификации.

Ако Трајковски се врати во Италија тој ќе биде седми фудбалер од Македонија на Апенините, зашто таму веќе играат Пандев, Елиф Елмас (Наполи), Илија Несторовски (Удинезе), Бобан Николов и Леонард Жута (Лече), а од лето доаѓа и суперталентираниот Лука Станковски во Монца.