Ништо ново: Роналдо нема да дојде на доделувањето на „златната топка“!

Аргентинската ѕвезда на Барселона, Лионел Меси ќе ја добие во понеделник шестата „златна топка“ за најдобар светски фудбалер во изборот на „Франс Фудбал“ и ќе ги победи Вирџил Ван Дијк (Ливерпул) и Кристијано Роналдо (Јувентус) во трката за најпрестижната фудбалска награда.

Веќе стана традиција португалскиот ас Роналдо, кој како и Меси има пет „златни топки“ да не присуствува на доделување на наградата ако не е победник, само што шпански медиуми сега објавуваат дека овојпат причината за недоаѓањето во Париз е најбизарно досега. Наводно Роналдо веќе од поодамна сфатил дека нема шанса да ја добие наградата, откако Ван Дијк беше изгран за фудбалер на годината според УЕФА на традиционалниот избор во Монте Карло за време на ждрепката за групите во ЛШ, а потоа Лионел Меси ја доби наградата „Бест“ на ФИФА на гала-церемонијата во Лондон.

И според информациите Роналдо не бил толку погоден што неговиот најголем ривал Меси ќе победи, туку бил „повреден“ што во конкуренцијата завршил – трет (?!). Токјму од оваа причина Португалецот решил воопшто да не се појави во Париз. „Франс Фудбал“ наводно се обидува по секоја цена да го донесе Роналдо во француската престолнина, за церемонијата да добие уште повеќе на големина, но Португалецот одбивал секакво појавување.

Инаку пред три дена каталонските медиуми објавија дека Меси веќе е информиран дека е освојувач на престижната награда за најдобар фудбалер на светот за 2019 година. Лани, на доделувањето на наградата, која ја освои Лука Модриќ не присуствуваа ниту Роналдо, ниту Меси.