Нема докази дека Барселона преку Негреира влијаел на резултатите!

После скоро еден бурен месец откако силно одекна аферата за корупција и поткуп од страна на Барселона преку поранешниот потпретседател на судиската комисија Хосе Марија Енрикез Негреира, шпанското министерство за финансии не најде докази дека исплатата на преку седум милиони евра биле за влијание врз резултатите.

Шпанската новинска агенција ЕФЕ објави дека министерството за финансии не нашло никаков доказ дека со парите кои Барса ги исплаќала на Негреира се влијаело врз судиите и врз резултатите и после ова многу извесно е дека каталонската гордост нема да се соочи со никаква правна постапка.

Барселона во период од 2001 до 2018 година го плаќала Негреира, екс-потпретседател на судиската комисија за консултантски услуги околу судењето и подготовката на тренерите и фудбалерите за арбитражата на шпанските судии, како и за анализа на судењето.

Шпански медиуми неодамна објавија исказ на Негреира во ек на предистражната постапка за овој случај која ја дал пред даночните власти, во која Негреира рекол дека парите што ги добивал и за кои бил платен данок биле исклучиво за совети и консултантски услуги, а за ништо повеќе од тоа и дека Каталонците сакале само да имаат изедначен критериум за судење.

Барселона од почеток се бранеше дека не купувала судии и после ова веќе станува јасно дека клубот бил во право, иако цела Шпанија се сврте против нив.