„Не се сомневам дека Роналдо ќе го надмине Пеле“

Еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Кристијано Роналдо, успеа да го постигне својот 700. гол во кариерата во поразот на Португалија од Украина (2-1), во рамки на квалификациите за пласман на ЕП 2020 година.

Португалците беа поразени од Украина, која го резервираше билетот на ЕП, а при 2-0, Роналдо успеа само да го намали резултатот на 2-1 во самата завршница кога погоди од пенал.

Неверојатниот Португалец го запиша 700. гол, што е фантастично достигнување. Пред него, сега има само пет фудбалери кои имаат постигнато над 700 гола во своите кариери.

Исто така, на списокот е легендарниот Пеле, кој на официјалните натпревари постигна 767 голови, иако тврди дека тој број е над 1000. На крајот на краиштата, се појави и агентот на Роналдо, Хорхе Мендес, кој е сигурен дека ќе го надмине Пеле многу брзо.

Не се сомневам дека Роналдо ќе го надмине Пеле и ќе биде најдобриот стрелец во историјата на фудбалот. Тој ќе го стори тоа со Јувентус, изјави Мендес за „Тутоспор“.

Роналдо досега има одиграно 974 натпревари во својата кариера на клупско и репрезентативно ниво и успеа да постигне неверојатни 700 гола и да запише 219 асистенции.