Не е до концепцијата, туку Рашфорд синоќа не беше стартер поради казна

По одличното издание против Њукасл, многумина очекуваа Маркус Рашфорд да биде стартер за Барселона на дуелот против Гетафе, но тоа не се случи.

Англискиот репрезентативец влезе во игра во второто полувреме и имаше една асистенција, за голот на Олмо, ама за каталонската јавност остана мистерија зошто не е дел од почетните 11. Дејли меил откри дека причината за таквата одлука на Ханси Флик, всушност е казна.

„Рашфорд наводно задоцнил две минути на состанок на екипата, а причината била тоа што не успеал навреме да ги исполни електроничките информации кои каталонскиот клуб ги бара пред секој собир“, пишува англискиот таблоид.

Казната на Рашфорд доведе до промена на концепцијата, па во стартната постава се најдоа Феран Торес и Левандовски при што првиот мораше да игра и како лево крило, но добро се снајде и, меѓу другото, постигна два гола.

Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед го прекршил правилото на Флик за правовремено појавување на состаноците и тренинзите, а казната за тоа е исфрлање од стартната постава. Лани тоа на свој грб го почувствуваа Жил Кунде и Ињаки Пења, а оваа сезона и Рафиња кој не беше во стартната постава против Валенсија.