Навивачите на Челси во екстаза: Лампард на чекор да се врати на „Стемфорд бриџ“

Навивачите на лондонскиот гигант Челси веќе се во екстаза, откако медиумите на Островот најавија фантастични вести, дека во ек се преговорите за враќање на Френк Лампард на „Стемфорд бриџ“ и тоа како нов менаџер на клубот.

Лампард беше тренер на Дерби каунти, но не успеа овој клуб да го внесе во Премиерлигата и го загуби највредниот меч во историјата на „Вембли“ од Астон Вила, па кога веќе е извесна разделбата со Маурицио Сари, најдобра опција за клубот е да си го врати својот поранешен капитен.

Сари веќе се пакува и би требало да биде новиот тренер на Јувентус, па Лампард сега влетува на испразнетото столче, иако претходно еден куп други попроверени тренерски имиња се споменуваа во комбинација за менаџер на „сините“.

Според медиумите, Лампард веќе имал една рунда преговори со челниците на Челси и дека наскоро ќе има и втора рунда и дека сѐ тече според планот. Плус, како дел од стручниот штаб би бил и Дидие Дрогба, со кого Лампард имал вечера во друштво на челниците на лондонскиот клуб во еден лондонски ресторан.

Ерик Тен Хаг, тренерот на Ајакс и Масимилијано Алегри, доскорешниот кормилар на Јувентус исто така се споменуваа како опции, но според информациите и двајцата ја одбиле идејата да дојдат во англиската престолнина.