Наполитанските медиуми му порачаа на Анчелоти: Елмас повеќе да игра!

Италијански Наполи никако да излезе од длабоката резултатска криза поради која практично „скудетото“ и сезонава останува само сон за навивачите, а синоќа актуелниот вицепрвак одигра без голови со Џенова и втор меч по ред дома не успева да даде гол.

После три меча во серија, македонскиот бисер Елиф Елмас повторно заигра, влезе како резерва на местото на Лоренцо Инсиње на 25 минути до крајот, а имаше страшна шанса во која еден сантиметар го спречи да стигне до деби голот. Според наполитанските медиуми заедно со Калиду Кулибали беше најдобар на теренот. Елмас доби слична оценка како и Кулибали, а медиумите од под Везув веќе му испратија порака на Карло Анчелоти дека мора многу повеќе да го користи македонскиот репрезентативец.

„Откако влезе во игра внесе живост и имаше најголема желба на теренот. Очигледно е дека треба да добие многу повеќе простор. Патем Раду спречи феноменално негов погодок“, го анализираа Елмас, медиумите од Неапол после ремито без голови.

И во сите анализи и оценувања, во кои Елмас со Кулибали и Ди Лоренцо се посочени дека единствени биле на ниво, а само македонскиот фудбалер не беше стартер, и дел од стручњаците на телевизиските анализи посочија дека Анчелоти мора повеќе да му дава шанса на фудбалерот за врска.

„Единствена позитивна работа во Неапол беше – влегувањето на Елмас. Тој му даде ритам и континуитет на тимот. Има способност да води, има квалитети, ама досега не е во преден план. И треба да добие шанса, очекувам дека сега уште повеќе ќе биде во фокусот и дека ќе игра во континуитет“, анализира Балцарети за „ДАЗН“.