Наполитанците удрија по Гатузо: Што мислеше да направи Елмас со две минути!?

Италијански Наполи е во најголемата криза во последнава деценија откако ниту смената на тренерот не донесе ништо на подобро, па резултатската криза продолжува да го тресе клубот под Везув, ама за само четири меча откако го наследи Карло Анчелоти, Џенаро Гатузо веќе жестоко е критикуван од навивачите на поранешниот италијански првак.

Навивачите на Наполи не го штедеа со критики Гатузо, ама го поткачија и Анчелоти за изборот на засилувања. И нормално, во жестоките критики не можеа, а да не го споменат македонскиот бисер Елмас, кој кај Гатузо во четири меча има едвај 23 минути, додека кај Анчелоти добиваше многу поголема минутажа.

„Јас не го ни сакав Гатузо за тренер, ама стварно не ми е јасно што мисли управата, а што воопшто мисли тренерот. Која е поентата да го извадиш Инсиње во последните минути? И што може да направи Елмас или Љоренте со две минути на крајот? Тотални глупости! Гатузо треба малку повеќе да мисли, да размисли да направи прости, нормални работи, а прво да тргне од логичен избор на решенија“, коментира еден од навивачите.

Гатузо пред мечот со Лацио, кој Наполи го загуби со 0-1, објасни дека Елмас требал да го подобри дриблингот и да игра во два правци, давајќи тотално конфузни и различни изјави, особено што македонскиот фудбалер не игра крило како Мертенс, Инсиње или Лозано, туку фудбалер за врска.

Но, на навивачите не им е јасно што управата сака да направи, посочувајќи дека целиот преоден рок за сезонава е – комплетна мистерија. На тој начин го поткачија и Анчелоти, кој беше клучен за доведувањето на Елмас, но и на сите летни засилувања во овој тим.

„Анчелоти треба да ни објасни што планираше со доаѓањето на Мексиканецот Лозано. Беше донесен за да го замени Инсиње или... Ако бил донесен како замена требало да се почека со цесијата, а не вака да се случи безредие. И дојде да ни биде ѕвезда, а испадна тотално разочарување за 50 милиони евра. Втор е Тонели. Како може да не игра, ако имаме проблеми во одбраната. Сериозно Ди Лоренцо (десен бек – н.з.) е тој што треба да игра стопер? Апсурд над апсурдите. И на крај Елмас. Па дајте решете се дали Елиф е динамичен или не е динамичен фудбалер за врска, кој треба да ги ослободи Фабијан Руиз и Зиелински. Навистина сум без зборови“, коментира друг навивач.