„Наполи има устен договор со Елмас, а тој – едвај чека да го облече синиот дрес“

Трансфер сагата за македонскиот репрезентативец Елиф Елмас веројатно завршува после повеќе од половина година на постојани најави за интерес на европските гиганти за фудбалерот на Фенербахче, па денеска младиот фудбалер за врска ќе ги има завршните преговори со наполитанците.

Турските и италијанските медиуми пред неполни два часа објавија дека Елмас добил дозвола од Фенербахче за завршни преговори со претставници на италијанскиот вицепрвак и поради тоа не се појавил на тренинг-кампот на истанбулскиот великан, потенцирајќи дека наскоро треба да се оечкува да одекне бомбата.

Џовани Ското, новинар од Неапол кој работи за „ТВ Луна“ и дописник за „Ил Рома“, важи за еден од најголемите италијански експерти за фудбалскиот пазар на Апенините, па тој предмалку откри детали околу ангажманот на Елмас, потенцирајќи дека веќе има устен договор на македонскиот бисер со клубот од под Везув.

„Веќе постои договор со Елмас, кој сака да потпише за Наполи. Фенербахче бараше 25 милиони евра, но трансферот ќе биде со помала сума. Елмас веќе разговарал со Горан Пандев (бив фудбалер на Наполи – н.з.), кој му кажал сѐ за градот. И момчето (Елмас – н.з.) е возбуден што ќе го облече синиот дрес. Наполи му понуди одлични услови, па сега само треба да се финализираат деталите со Фенербахче“, објавил Ското.

Некои италијански медиуми објавија дека во моментов Наполи и Фенербахче ја „пеглаат“ разликата околу сумата за трансфер, зашто напочлитанците понудиле 15 милиони, а Турците инсиситирале на 20 милиони, па можно е сумата за која се натегаат да биде пополнета со дополнителни бонуси од настапите на македонскиот репрезентативец и успесите со калчолигашот.