Најдобрата сезона на Елмас за Наполи оценета со – преодна „шестка“!

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас ја одигра најдобрата сезона за наполи откако во летото 2019 за 16 милиони евра дојде од Фенербахче и најугледниот весник од Неапол, „Ил Матино“ со преодна „шестка“ го оцени настапот на нашиот репрезентативец во наполитанскиот дрес.

Елмас даде седум гола и имаше пет асистенции во 46 од можните 47 меча на Наполи во сите натпреварувања, од кои во Серија А даде три гола и имаше четири асистенции во 37 меча, а во Лига Европа даде четири гола и запиша една асистенција во осум меча. Но, Наполи и оваа сезона не освои трофеј, а само тројца фудбалери добија надпросечна оценска – Виктор Осимен (седум), Марио Руи (7,5) и најдобриот сезонава Џовани Ди Лоренцо (8,5).

Наполи заврши како третопласиран сезонава, иако во завршната третина од сезоната влезе со подеднакви шанси за „скудетото“, но три кикса во клучен период од завршницата од сезоната го исфрлија од шампионската битка, која на крај заврши со „скудето“ за Милан по 11 години пауза.

„Голот со глава против Милан на 'Сан Сиро' е чисто злато, двата гола со Лестер беа клучни за да се помине групата во Европа. Џокерот (12-от играч) на Спалети постојано беше помеѓу средината и офанзивната линија. Македонецот ги пополни сите позиции кои беа барани од него и добро го стори тоа, но не ја најде вистинската улога за да игра на една позиција во континуитет. Функционален беше во ротациите, кога играше од првата минута и воодушевуваше како со Салернитана“, објасни во анализата на сезоната за секој фудбалер поединечно, „Ил Матино“.

Елмас беше идентично оценет како и Пјотр Зиелински, Фабијан Руиз, Диего Деме, Матео Политано, а за нијанска подобра оценка од ѕвездите (6,5) имаа Лоренцо Инсиње, Дрис Мертенс, Калиду Кулибали...