Најбогатите клубови останале покуси за една милијарда евра поради – ковид-19

Најбогатите европски клубови загубиле 1,1 милијарда евра во приходите во последната сезона 2019/20 поради пандемијата со коронавирус, што е најголема дупка во финансиите во историјата на европскиот фудбал, со тенденција после завршување на оваа сезона сумата на пад на приходите да достигне и преку две милијарди евра е заклучокот на консултантската куќа „Делоит“.

„Делоит“ традиционално на почетокот на сеоја година го објавува своето истражување во финансиите кое веќе скоро две децении го објавува, а во последното за изминатата 2020 година, се посочуваат поразителни факти, кој јасно ја отсликуваат сериозната штета што фудбалот ја претрпе од ударот на коронавирусот.

Севкупно, најбогатите клубови заедно имале приходи од 8,2 милијарди евра, што е за 12 отсто помалку од претходната година кога имале 9,3 милијарди евра приходи со тенденција да се надмине магичната граница од 10 милијарди, а клубовите во самиот врв дури и да стигнат од над една милијарда евра приход на годишно ниво. Но, откако во март коронавирусот го стави фудбалот во тримесечен локдаун, кризата и тоа како се почувствува во фудбалот.

Во загубите од 1,1 милијарда евра, најголем пад има во ТВ-правата, токму поради локдаунот и тоа од 23 отсто, а за 17 отсто паднале приходите од мечевите на екипите, продажбата на билети, маркетингот...

Но, бидејќи во минатата сезона, половина од неа се одвиваше во нормални услови, овој пад, предвидува „Делоит“ е благ, во однос на тоа што треба да се очекува за оваа сезона, во која стадионите остануваат заклучени, па практично приходите од влезници и маркетинг на мечевите е практично – нула.

Шпанска Барселона која е во најтешка состојба со неверојатен долг и практично на раб на банкрот останува најбогат клуб врз база на приходите, со 715 милиони евра, но со цели 15 отсто помалку во однос на претходната година кога имаа 840 милиони и проекција дека ќе ја надминат милијардата. Реал Мадрид е втор со 714 милиони евра и пад од осум посто во однос на 757 милиони година претходно, додека трет е Баерн Минхен со 634,1 милиони и најблаг бад во споредба со 2019 кога имаа 660 милиони евра приходи.