На Барса не ѝ се доста Де Лихт и Де Јонг – во Каталонија доаѓа и трет ајаксов суперталент

Шпанска Барселона очигледно е решена да направи уште посилен тим и тоа со суперталентите од Ајакс, кои се влог за цела една деценија, покрај веќе сигурниот Френки Де Јонг и се поизвесно доаѓањето на Матијс Де Лихт, во Каталонија најверојатно ќе дојде и трет ајаксов талент.

Според последните најави, на „Камп Ноу“ летово би требало да дојде и Дони Ван дер Бек, момчето кое даде клучни голови во сезоната за паметење во која Ајакс после 22 години стигна до полуфинале во ЛШ и трагично испадна од битката за финалето со примен гол во 96-та минута од мечот со Тотнем во Амстердам (2-3). Шпански „АС“, инаку мадридски весник близок до Реал, објави дека Ван дер Бек е многу близу да потпише со Барселона и дека околу 50 милиони евра ќе биде отштетата што Каталонците ќе ја платат.

За плавокосото момче, кое е производ на славната школа на Ајакс голем интерес има и од ПСЖ, Борусија Дортмунд, Тотнем, но и Реал Мадрид. Сепак, Барселона е во предност, зашто освен традиционално што Холанѓаните доаѓаат на Камп Ноу, фактот дека Де Јонг и Де Лихт ќе бидат дел од шпанскиот првак е многу по привлечно за Ван дер Бек.

Де Јонг потпиша со Барселона во јануари гидонава за 75 милиони евра плус 11 милиони во бонуси. За речиси истата сума се очекува Де Лихт да пристигне во Каталонија, а со Ван дер Бек би се заокружил проектот за засилувања од Амстердам севкупно вредни околу 200 милиони евра.