Мурињо има бизарна теорија кои биле „крвниците“ за негов отказ - не се фудбалерите!

Контроверзниот португалски менаџер Жозе Мурињо, кој пред неколку дена доби отказ од Манчестер јунајтед, има бизарна теорија за тоа кои го избркале од „Олд Трафорд“, но тоа не се фудбалерите предводени од Пол Погба со кој бил во голема кавга.

Англиските медиуми објавија дека најголеми „виновници“ за отказот, Мурињо ги смета двете легенди на „црвените ѓаволи“, Пол Сколс и Рио Фердинанд, кои работат како стручни коментатори и постојано го критикуваат.

Според мурињо, тие критики на Сколс и Фердинанд силно влијаеле во соблекувалната и со тоа ја направиле неговата работа – невозможна да се работи. Близок човек на Мурињо ја објаснил целата теорија за англиските медиуми.

„Жозе го имаше целиот респект од сер Алекс Фергусон, од поранешниот шеф Дејвид Гил. Тој нив ги гледаше како вистински луѓе од фудбалот, кои имаат искуство, знаење. Тоа беше пресудно за да ја прифати работата, но потоа сфати дека не е тоа вистинското со актуелните луѓе кои го водат клубот. Почувствува слабост во клубот, штом легендите може така жестоко да критикуваат и нивниот глас многу повеќе да се слуша. Ако клубот беше посилен и на врвот, нивните критики немаше да имаат влијание на соблекувалната, управата, навивачите“, рекол изворот близок до Мурињо.

Португалецот беше сменет по слабите резултати, но и фактот дека ги загубил конците во клубот, честите алибија, кавгите... На негово место е доведен Оле Гунар Солскјер, легенда на клубот и херој од 1999 година, кога со два гола ја донесе европската круна. Солскјер е назначен за менаџер до крајот на сезонава.