Можен пресврт во случајот Мбапе: Французинот незадоволен од понудата на Реал

Иако пред десетина дена францускиот весник Ле Паризјен објави дека трансферот на Килијан Мбапе во Реал е договорена работа, американскиот портал Атлетик сега тврди дека не е се завршено и дека се појавиле неочекувани проблеми.

Наводно, Мбапе и неговиот менаџерски тим се разочарани од понудата за платата на фудбалерот која е пониска од онаа што тој ја доби пред две години кога, исто така, се очекуваше трансфер на „Бернабе“. Изворот не прецизира за која сума се работи, но се знае дека според важечкиот договор со ПСЖ, Мбапе заработува по 60 милиони евра годишно и се претпоставува дека за помалку пари не би одел во Мадрид, особено ако се знае дека „светците“ се подготвени да му понудат 80 милиони евра по сезона.

За Реал тоа се премногу пари, но важен елемент е тоа што во клубот сметаат дека тоа би ја уништило хармонијата во соблекувалната каде има многу ѕвезди и каде сигурно би пораснале апетитите. Неодамна, првиот човек на ПСЖ, Насер Ал Келаифи изјави дека наскоро ќе има повеќе информации за овој случај, па нема да биде изненадување ако целата зделка пропадне.