Милан понудил 30 милиони евра за најдобриот играч во белгиското првенство - Бриж одби

Италијанскиот гигант Милан наиде на затворена врата при првиот обид да дојде до потписот на фудбалерот на Бриж, Ардон Јашари.

„Росонерите“ понудиле 30 милиони евра, но за белгискиот клуб таа сума не е доволна и бара меѓу 45 и 50 милиони евра. Всушност, првиот одговор од Бриж бил дека Јашари не е на продажба, но ако Милан инсистира на тоа, ќе треба да ја плати бараната отштета. Слично искуство Милан имаше и во 2022 година кога од Бриж го купуваше Шарл де Кетеларе, преговорите траеја повеќе од еден месец, за на крајот италијанскиот клуб да плати 35 милиони евра.

Јашари е интернационалец од Швајцарија, но неговите родители имаат потекло од Македонија. Во Бриж стигна лани од Луцерн за шест милиони евра, но очигледно е дека белгискиот гигант на него добро ќе заработи. Оваа сезона Јашари беше прогласен за најдобар фудбалер во првенството на Белгија, а со оглед на тоа што нема ни 23 години, стручњаците тврдат дека му претстои блескава иднина.

Што се однесува до Милан, раководството во моментов не е расположено да потроши 45-50 милиони евра за Јашари, па најверојатно ќе бара друга алтернатива за средниот ред.