Милан го освои Рим и продолжи да му „дише во врат“ на Интер (ВИДЕО)

Фудбалерите на Милан продолжуваат во чекор да го следат градскиот ривал Интер во борбата за шампионската титула во Серија А, откако вечерва, како гости, славеа во дерби-пресметката со Рома (2-1).

Тоа беше голема борба со многу шанси на двете страни, во која „росонерите“ подобро се снајдоа и на крајот заслужено се радуваа. Франк Кеси го отвори резултатот во 43. минута од пенал, а во 50. минута Верету изедначи на 1-1. Победничкиот погодок го постигна Ребиќ во 58. минута. Овие три бода би можеле скапо да ги чинат црвено-црните, откако поради повреда прво теренот го напушти Златан Ибрахимовиќ, а нешто подоцна и јунакот Ребиќ.

Милан со овој триумф остана на минус четири бода од градскиот ривал Интер, кој е лидер на табелата со 56 бодови, а се одлепи на плус шест пред Јувентус и Аталанта. Рома, пак, „падна“ на петтата позиција со 44 бодови.