„Меси за да биде најдобар мора да се докаже во - Реал Мадрид!“

Дебатата кој е подобар фудбалер, Кристијано Роналдо или Лионел Меси ќе продолжи и многу откако двајцата ќе ја завршат својата кариера. 

Сепак, за една аргентинска фудбалска легенда, Меси не е најдобриот фудбалер на светот, па ниту на сите времиња. Уго Гати смета дека неговиот сонародник мора да се испроба во некој друг клуб освен Барселона за да биде сметан за најдобар на сите времиња, по примерот на Кристијано Роналдо.

„Меси никогаш нема да може да се спореди со Кристијано Роналдо или Диего Армандо Марадона или Пеле се додека не се докаже во некој друг клуб освен Барселона. Додека тој игра дома, каде се има навикната и каде што му е удобно, Роналдо се испроба во најдобриот светски клуб“, вели Гати. „Меси мора да собере храброст и да тргне по тој пат, во Реал Мадрид, да докаже дека може да успее и надвор од Барселона. Или можеби во некој друг голем клуб. Во спротивно тој ќе биде само еден од добрите фудбалери. Можеби звучи дека имам нешто против Меси, но тој мора да се докаже на големите натпревари во сите услови, а не само кога се чувствува сигурно во својот двор. Меси игра добро, кога ќе му дозволат да игра. Лесно е кога играте на омиленото место“, додаде поранешниот голман на Бока Јуниорс.

 Меси е често на удар на критичарите во својата родна Аргентина поради настапите во репрезентацијата со која никако не може да дојде до голем трофеј.