Меси доби специјална награда и се расплака: Ќе се вратам во Барселона (ВИДЕО)

Најдобриот фудбалер на сите времиња Лионел Меси се расплака додека гледаше видео во кое му се обраќаа навивачите на Барселона.

Аргентинецот пристигна во Каталонија на 12-годишна возраст, а синоќа доби посебна награда што му ја доделија луѓето од Барселона за неговото однесување на теренот и надвор од него. Директорот на шпанскиот портал Спорт отпатува во Мајами за да му ја врачи наградата. Додека го гледаше емотивното видео со пораките на навивачите, Меси не можеше да ги задржи солзите.

„Вистина е, поминавме низ толку многу заедно, и добри и не толку добри моменти. Нормално е дека за време на кариерата, не е сè убаво и дека поминувате низ тешки моменти. Но, добро, тоа е мојот дом, моето место, моите луѓе. Би сакал целата кариера да ја поминев таму, да не морав да одам во друг клуб. И да играв само таму, во Европа“, рече Меси.

 

 

Toj се потсети и на болното заминување од клубот.

„За жал, работите се одвиваа поинаку, но сеќавањата на сите моменти што ги споделивме засекогаш ќе останат и благодарен сум за тоа. Долго време не сум бил во Барселона, не сум бил на стадионот. Морав да го напуштам клубот без навивачи поради пандемиската година, па затоа беше и нетипична година. Ви благодарам многу на сите луѓе од Барселона“, додава играчот на Интер Мајами.

Иако сега е во Америка, тој не се сомнева дека ќе се врати во Каталонија.

„Ќе се вратам. Ќе бидам присутен на стадионот како уште еден навивач, следејќи го тимот и клубот. Засега, сигурно ќе бидам во Мајами уште неколку години, но ќе се вратам во Барселона затоа што, како што секогаш велев, тоа е моето место, мојот дом. Многу ни недостига, па затоа ќе се вратиме таму“, заврши аргентинскиот ас.