Менаџерот на Пандев: Калчолигаши и бундеслигаши се заинтересирани за Ристовски

Веќе јасно е дека заменикот капитен на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски по три години ќе си замине од Спортинг Лисабон, откако португалски медиуми најавија дека на десниот бек му е кажано да си бара нова дестинација за следната сезона.

Менаџерот на македонскиот калчолигашки ас Горан Пандев, Лео Корси објави за италијанските медиуми дека за Ристовски постои интерес да биде ангажиран од екипи од Калчото и од Бундеслигата и дека неговата авантура во Лисабон практично е завршена.

„Стефан имаше три прекрасни години во Лисабон и сега е време за нов предизвик, ново искуство. Патиштата со Спортинг најверојатно ќе им се раздвојат, поради замислите на новиот тренер Рубен Аморим. Кај новиот тренер, Ристовски играше стандардно, но тој бара поофанзивни бекови. Во моментов има интерес од екипи од Калчото и од Бундеслигата, без оглед што Ристовски не е фудбалер од ЕУ“, вели Корси.

За Ристовски во изминатиов период се појави вест дека германски Волфсбург е силно заинтересиран и дека дава три милиони евра за трансфер, додека уште од зимоска, римски Лацио се поврзуваше со македонскиот репрезентативец, но тогаш „орлите“ го бараа на заем со опција да може да го откупат.

Корси не објави кои клубови се заинтересирани за македонскиот репрезентативец, кој откако како тинејџер го напушти матичниот Вардар играше во Италија, за низа клубови, а во Калчото беше дел од Парма во годината кога овиј клуб банкротираше и потоа замина во Риека, каде ги имаше најблескавите моменти со двојна круна, а од 2017 година се пресели во Спортинг Лисабон.

Менаџерот на Пандев потврди дека капитенот на македонската репрезентација уште една година ќе игра во Џенова, како и дека покрај Ристовски, го нудел и Барди на италијански клубови, но и неколку фудбалери од Академија Пандев за младинските екипи на калчолигашите.