Мбапе за новиот договор со ПСЖ: Сè уште размислувам

ПСЖ му понуди нов договор на Килијан Мбапе, но младиот фудбалер засега го нема потпишано. 

Актуелниот договор на напаѓачот истекува во јуни 2022 година, па францускиот гигант сака да го задржи во своите редови на подолго. Има сериозен интерес од Реал Мадрид, па Мбапе јавно призна дека и натаму размислува дали да се обврзе на уште неколку години со парижаните или да замине во друг клуб.

„Во преговори сме со клубот околу идните проекти“, рече Мбапе по синоќениот дуел со Монпелје на кој постигна два гола во победата од 4-0. „Размислувам и понатаму, бидејќи ако го продолжам договорот, тоа ќе биде на подолго време. Среќен сум тука во Париз, така е целото ова време. Навивачите, клубот, секогаш биле со мене и ми помагале. Затоа секогаш ќе бидам благодарен. Но сакам да размислам добро околу новиот договор и што сакам да правам во следните години и каде сакам да бидам. Сигурно дека наскоро ќе треба да ја донесам конечната одлука, но и натаму размислувам. Ако имав конечен одговор ќе ви го кажев уште денеска. Не сакам да потпишам нов договор и потоа по една сезона да си заминам, бидејќи не сакав да го потпишам договорот. Не, ако потпишувам тоа е за да останам долго, а тоа бара навистина добро размислување“, објаснува напаѓачот.

Мбапе дојде од таборот на Монако во летото 2017 година за 180 милиони евра.