„Марка“: Перез обезбедил ново засилување за Реал Мадрид

Реал Мадрид сезонава не игра како во претходните и на сите им е јасно дека се потребни многу промени во екипата.

Претседателот на „кралевите“, Флорентино Перез на лето сигурно ќе направи неколку промени во тимот, а „Марка“ пишува дека еден трансфер е веќе договорен. Станува збор за дефанзивецот на Порто, Едер Милитао.

Шпанските медиуми пишуваат дека Реал ќе плати неверојатни 70 милиони евра за него, односно ќе ја активира откупната клаузула, која изнесува 50 милиони евра, но Порто во договор со фудбалерот успеа да ја зголеми на уште 20.

„Вистина е дека ќе одам во Мадрид. Се договоривме и останува да ставам потпис на договорот“, наводно изјави Милитао за „Марка“.

Овој 21-годишен дефанзивец во тековната сезона одигра 32 натпревари во дресот на Порто, па успеа да постигне три гола и две асистенции. Тоа што го привлече вниманието на другите клубови е фактот дека дури пет пати беше најдобар стопер на месецот во португалската лига.