Мареска не мисли на титулата: Нашите ривали не се „лизгаат“ како Кукуреља

Поранешниот англиски и европски шампион Челси влезе во победничка форма, но и покрај тоа тренерот Енцо Мареска смета дека неговиот состав не е кандидат за титулата во Премиерлигата.

Мареска е внимателен пред следните предизвици на „сините“, иако тие играат фантастично во изминатиот период, па даде интересен одговор на прашањето дали Челси ќе се вклучи во трката за пехарот.

„Арсенал, Манчестер сити и Ливерпул не се ‘лизгаат’ како што направи Кукуреља. Да бидеме сериозни, не сме подготвени за титулата, далеку сме од нашите ривали. Се фокусираме секој ден сè повеќе и се трудиме да победиме на сите натпревари“, кажа италијанскиот стратег.

Да потсетиме, Кукуреља се лизна двапати против Тотнем и му дозволи на ривалот да постигне два гола.