Манчестер сити му одржа лекција на Челси и избега на 13 бода разлика (ВИДЕО)

Актуелниот шампион Манчестер сити продолжи да доминира во англиската Премиерлига и го совлада директниот ривал за титулата, Челси со 1-0 на „Итихад“, па така ја зголеми бодовната разлика на табелата.

„Граѓаните“ доминираа на теренот од самиот почеток на натпреварот и не му дозволија на Челси да создаде ниту една шанса во рамки на голот на Едерсон, а од друга страна избраниците на Пеп Гвардиола се заканија неколку пати, при што Кепа Аризабалага имаше одлични интервенции.

Ѕвездите на Сити играа одлично и во второто полувреме, а резултатот го отвори Кевин Де Брајне, кој испрати прекрасен удар и го совлада Кепа за водство од 1-0 на „граѓаните“.

Челси почна да се буди откако прими гол во својата мрежа, но тоа беше залудно затоа што ниту до крајот на натпреварот не успеа посериозно да се закани кон голот на Едерсон и да стигне барем до бод.

Манчестер сити е лидер на табелата со 56 бодови, односно 13 повеќе од Челси и 14 повеќе од Ливерпул, кој има одиграно два натпревари помалку од нивните противници.