Манчестер јунајтед одлучи за судбината на Оле Гунар Солшер

Оле Гунар Солшер ќе добие долгогодишен договор од Манчестер јунајтед да остане на клупата. По фантастичните резултати сезонава откако го наследи Жозе Мурињо, раководството на клубот е убедено дека Норвежанецот е вистинскиот човек за работата. 

Се шпекулираше дека двомечот со ПСЖ ќе биде негов тест дали е доволно добар да биде менаџер на „ѓаволите“, но сопствениците на Јунајтед велат дека се презадоволни од работата на Солшер.

Дел од семејството Глејзер во саботата го следеа натпреварот против Фулам и биле импресионирани од Солшер. Англиските медиуми велат дека клубот веќе решил да му понуди четиригодишен договор на Норвежанецот, но соработката ќе биде официјализирана по завршување на сезоната.

На 11 натпревари, Јунајтед под водство на Солшер има 10 победи и само едно реми.