Малку му биле 30 милиони евра годишно: Роналдо имал и скриена клаузула во Јуве!

Најдобриот светски фудбалер во моментов Кристијано Роналдо летово предизвика земјотрес на Апенините, откако за 117 милиони евра го засили првакот Јувентус од Реал Мадрид и според договорот ќе заработува во Торино – 30 милиони евра годишно.

Роналдо дојде во Италија по девет години во редовите на најтрофејниот светски клуб, со кој четирипати стана европски првак, но иако доби договор, каков што во Мадрид не сакаа да му дадат, португалскиот ас има и клаузула од договорот со која би бил побогат за уште пет милиони евра годишно.

Како што објавија италијанските медиуми, Роналдо во договорот имал скриена клаузула, според која му следува бонус од пет милиони евра, ако успее да оствари нешто што по стартот на сезоната изгледа тешко достижно – да има просек од еден гол по меч сезонава. Ако успее да направи такво нешто, клаузулата автоматски ќе се активира.

Португалецот на почетокот е многу тивок, па засега запиша само една среќна асистенција и сè уште е без гол. За да заработи уште пет милиони евра, почнувајќи од утрешниот меч со Сасуоло ќе треба да даде 38 гола на 35 меча, затоа што по првите три нема погодок. Но, кога станува збор за него, многу брзо може да го достигне просекот ако фати голгетерски ритам.